Соопштение за јавност
БЛЕСОК: промоција на
поемата „ПРЕСУДА“ од ЏАБИР ДЕРАЛА
(25 март 2015, 21:00,
МКЦ Клуб ресторан, Скопје)
ПРЕСУДА (линк до ФБ настан) |
Културната установа Блесок ќе ја промовира поемата „Пресуда“ од Џабир Дерала на 25 март, во МКЦ Клуб ресторан, со почеток во 21 часот. На промоцијата ќе настапат авторот на поемата Џабир Дерала и Мирослав Стојановиќ – Шуки кој е автор на илустрациите за корицата и на внатрешните страници на книгата. Тие ќе настапат со перформанс кој е дел од нивниот мултимедијален проект Криптохроматик.
„Пресуда“
е последниот издавачки проект на поетот, писателот и основачот на Културната установа
Блесок Игор Исаковски, кој почина
непосредно пред закажаната промоција на „Пресуда“ во декември. Оваа промоција воедно
претставува и настан во негова чест и порака дека неговото дело ќе продолжи
преку Блесок во кој авторот Исаковски вложи толку многу труд и креативност.
„Пресуда“
е поетско остварување на Џабир Дерала во издание на „Блесок“, триесет и петти
наслов од едицијата „Бореа“. Се работи за поема која авторот Дерала ја пишува
цели две години (1991-1992), а финалниот облик ѝ го дава во 2014 година.
Поемата е објавена во книга од 80 страници, илустрирана со слики и цртежи на
мултимедијалниот уметник Мирослав Стојановиќ – Шуки.
Проектот
Криптохроматик сè уште е тајна, но еден дел од него ќе ѝ биде откриен на
скопската публика на 25 март во Клубот МКЦ. Тогаш, дел од стиховите на поемата
ќе бидат претопени во мултимедијалниот перформанс на тандемот Дерала –
Стојановиќ.
„Пресуда од Џабир Дерала е силна поема
која ја допира темата за потрагата на идентитетот во единката, судирот на
поединецот со светот околу себе, а сето тоа во едно пред-митолошко време во кое
личностите се жртвуваат за некое божемно добро на колективот. Горчливо, но
таквата состојба ја сведочиме и ден-денес, во нашето и во сите други општества“,
изјави Игор Исаковски, првиот човек на културната установа „Блесок“ во декември
2014 година.
Проф.
д-р Катарина Колозова за ова дело пишува: „Пресуда
е веројатно најдрамската и најфилософската поема на македонски што сум ја
прочитала. Длабоката ерудиција од областа на трагичката структура на текст и
метрика се пресликува во речиси метричкиот стих на Дерала. После преводите на
Михаил Петрушевски, македонскиот јазик никогаш не звучел така возбудливо како
во стиховите на Пресуда“.
Авторот
е активист за човекови права, атеист, мултимедијален уметник, писател, поет,
колумнист, сценарист, издавач, продуцент. Основач е на Цивил, организација за
човекови права и слободи.
No comments:
Post a Comment