Sunday, January 20, 2013

МУЗИЧКО ТОРНАДО НАД СКОПЈЕ


кликни за FB event
Концерт на Mooger Fooger и нивните супер ексклузивни гости (МКЦ, 8 февруари, 21 часот)

Програмата за концертот кој го подготвува тимот околу Mooger Fooger со право ќе го заслужи насловот на овој текст. Но, да почнеме со ред. Концертот на 8 февруари ќе почне со групата The Black & Vice Social Club, garage rock power трио предводено од Ади Имери (вокал и гитара). Со својот настап тие ќе направат најава за деби албумот кој се очекува да излезе напролет.
Mooger Fooger ќе го претстави во живо својот албум La Kaña кој излезе во септември минатата година, но и со низа други ствари по кои се препознатливи за својата верна публика. Како и во секој друг проект, тимот на Mooger Fooger се подготвува темелно и за овој настап кој не може да се нарече само концерт, туку се работи за уште еден мултимедијален настан пребогат со содржина.

Урбаниот читател, човекот од вкус, вљубеникот во добриот звук, сигурно е веќе пријатно изненаден читајќи ги овие редови и дотука, но тоа не е крај.
Гости на Mooger Fooger на овој голем музички настан во Скопје се и големите Last Expedition, славната рок приказна која му претходеше на Mooger Fooger во 90-те. Тие ќе настапат со своите рок хитови кои наизуст ги пее веќе втора генерација вљубеници во рок културата.

Се сеќавате ли на извонредниот проект Exic од крајот на 90-те години? Е, тоа беше проект! Најавангардните рок фаци во земјава во тоа време се собраа да создадат еден прекрасен, слоевит, мултилингвален албум со незаборавни траки. Да, и овој проект ќе биде претставен во живо на сцената на МКЦ, оживувајќи ја меморијата на бесмртната рок сцена.
И тоа не е сé. Специјални гости на овој музички спектакл се и Горан Трајковски, Драган Гиновски-Гино, Џабир Дерала (инаку автор на најголем дел од текстовите за Last Expedition и Exic, како и на дел од стиховите за последните два албуми на Mooger Fooger), Зоран Тортевски и други интересни имиња.
Ова ќе биде вистинско музичко торнадо. Без фолирање, без шминка. Експлозивно и контемплативно, сурово и деликатно... Неповторливо! Вреди да се биде таму на 8 февруари!