Tuesday, March 24, 2015

СУДИРОТ МЕЃУ ПОЕДИНЕЦОТ И ОПШТЕСТВОТО

БЛЕСОК: промоција на поемата „ПРЕСУДА“ од ЏАБИР ДЕРАЛА

(25 март 2015, 21:00, МКЦ Клуб ресторан, Скопје)

Место каде треба да се биде утре вечер (среда, 25 март, 21 ч.) е МКЦ Клуб. Се промовира „Пресуда“ од Џабир Дерала, илустрирана со слики и цртежи на Мирослав Стојановиќ – Шуки, во издание на Културна установа Блесок.

По повод ова издание, тандемот Дерала – Стојановиќ подготвува мултимедијален перформанс во кој нивниот проект Криптохроматик ќе се претопи со стиховите на „Пресуда“. На промоцијата ќе настапи и актерката Кристина Леловац, а ќе се обрати и проф. д-р Катерина Колозова.
„Пресуда“ е последниот издавачки проект на поетот, писателот и основачот на Културната установа  Блесок Игор Исаковски, кој почина непосредно пред закажаната промоција на „Пресуда“ во декември. Оваа промоција воедно претставува и настан во негова чест и порака дека неговото дело ќе продолжи преку Блесок во кој авторот Исаковски вложи толку многу труд и креативност.

Игор Исаковски
Пресуда од Џабир Дерала е силна поема која ја допира темата за потрагата на идентитетот во единката, судирот на поединецот со светот околу себе, а сето тоа во едно пред-митолошко време во кое личностите се жртвуваат за некое божемно добро на колективот. Горчливо, но таквата состојба ја сведочиме и ден-денес, во нашето и во сите други општества“, изјави Игор Исаковски, првиот човек на културната установа „Блесок“ во декември 2014 година.

Проф. д-р. Катерина Колозова
Проф. д-р Катарина Колозова за ова дело пишува: „Пресуда е веројатно најдрамската и најфилософската поема на македонски што сум ја прочитала. Длабоката ерудиција од областа на трагичката структура на текст и метрика се пресликува во речиси метричкиот стих на Дерала. После преводите на Михаил Петрушевски, македонскиот јазик никогаш не звучел така возбудливо како во стиховите на Пресуда“.

No comments:

Post a Comment