Saturday, September 15, 2012

Промоцијата на Mooger Fooger - настан за паметење

Време: 21 часот, петок, 14 септември 2012
Локација: Ла Кања бар, Стара Скопска Чаршија
Настан: Промоција на новиот Mooger Fooger албум La Kaña

Во присуство на голем број фанови на бендот и познати личности од рок сцената, уметници и новинари, фолиранти и шминкери, моторџии и пешаци, како и да е -- претежно добри и познати фаци -- се одржа промоцијата на новиот Mooger Fooger (МФ) албум La Kaña. Публиката почна да доаѓа уште пред закажаниот термин за почеток на промоцијата. Ни дождот не ја спречи верната МФ публика да дојде и тоа во голем број. Сите членови на бендот и гостите кои учествуваа во овој најнов проект на Сеад Хаџиќ-Сецко беа таму, со исклучок оние што беа вон градот или државата. Само тие да беа таму ќе беше доволно да се направи престижна журка, камоли со сета прекрасна толпа што се насобра пред овој клуб.
Атмосферата беше cool и уште на почетокот ветуваше дека оваа промоција ќе се претвори во празник на рокенролот. За атмосферата се погрижи Симеон Митов кој во првиот дел на настанот за загревање „ископа“ стари ствари на Ласт Експедишн, Падот на Византија, Ексик, како и претходните изданија на славеничкиот бенд. Секако, големи количини ракија, пиво и други реквизити се излеваа во сериозни количини, како што е редот за еден рокенрол ивент. Расположението растеше од трака во трака. Некаде околу 10 ипол, кога веќе беше тешко да се помине по улицата кајшто е Ла Кања, Сецко застана пред микрофон. Еве го неговиот говор:


Добровечер драги мои пријателки и пријатели!
Се чувствувам привилегиран бидејќи јас детето од крајот на градот од скромните и влажни германски бараки сум одбран да ви се обратам вам присутни тука вечерва.
Јас сум среќното момче! Тоа вечерва го знам...
Посебно сум горд сто ја имав таа привилегија да работам со ваков тим од 20 тина посветени музичари, поети, инженери на звук, дизајнери за кои можам да ви посведочам дека го оставија срцето на 12-те траки кои ви ги претставуваме вечерва.
Ако ви кажам дека се што сме имале да кажеме сме го кажале во самиот албум и дека немам што да ви кажам повеќе од тоа, тогас тоа би било клише и би ве лажел,но бидејки вие добро знаете дека не сакам клишеа и тоа секако нема да го направам пред вас. Имам што да кажам и ќе имам што уште да кажувам до крајот на животот. Тоа најдобро знам да го правам преку музиката, преку моите инструменти и машини -- полна ми е куќата со нив, полна ми е главата и духот со музика за уште најмалку 1000 албуми.
Бидејки сум крајно возбуден и нестрплив да ви го презентирам ова наше ремек дело ќе бидам краток и шкрт на зборови, така што ќе ми биде драгоцено вашето внимание во наредните
13-14 часа да ви раскажам се што имам да ви раскажам. Дестан отвара рано наутро, па ќе имате и мала пауза за доручек.
Како и да е, мојот говор, сепак, завршува овде.
На наша заедничка радост ви го претставувам новиот Mooger Fooger албум La Kaña и ви ветувам дека отсега па натаму нестрпливо ќе го очекувате секое наше наредно издание, ако тоа не било случај до сега.
Развали газда Симо!

После овој говор „газда Симо“ го пушти материјалот на новиот албум. Веќе по првата ствар, голем број луѓе тргнаа кон пултот кајшто се продаваа ЦД-ата. Секој што не успеа да набави ЦД вчера, би требало да се нацрта во Југотон 1 и 2 од понеделник и да си купи по еден примерок од овој битен рокенрол документ. Во меѓувреме, прочитајте ја најавата за албумот на овој блог и слушајте ги претходните изданија на МФ и уживајте во световите кои за вас ги открива овој бенд. 

Текст и фото: Shortcut News

Останатите фотки можете да ги најдете тука. 

No comments:

Post a Comment