Thursday, September 13, 2012

Новите светови на Mooger Fooger


Новото, фантастично остварување на Mooger Fooger, албумот „La Kaña“ е, едноставно, антологиско. Промоцијата е закажана за 14 септември, во (истоимениот) клуб La Kaña во Стара Скопска Чаршија, со почеток во 21 часот.


Не помина ни една година од изданието на албумот „4 Јули“ на Mooger Fooger а овој бенд веќе најави промоција на новиот албум „La Kaña“. И со овој албум, Mooger Fooger не престанува да изненадува. Кога го издадоа својот претходен албум „4 Јули“, се чинеше дека Mooger Fooger го досегнаа плафонот на можните музички акробации. Но, за неуморниот Сеад Хаџиќ-Сецко приказната никогаш не престанува. Тој и неговите дваесетина гости на новиот проект донесуваат нови изненадувања за оние што знаат што е музика и ја сакаат музиката. Новиот материјал е едноставно фантастичен. Самиот редослед на 12-те музички стории на албумот ќе ве истрипува до максимум. И овој албум на Mooger Fooger можеме да го сметаме за антологиски, бидејќи се работи за проект музички пребогат со композиции и инструментални изведби од кои запира здивот.
Универзумот на Mooger Fooger уште еднаш се докажува како динамичен, нов и непредвидлив, богат и возбудлив. На албумот се објавени 12 композиции на кои гостуваат низа познати имиња како вокали, инструменталисти и текстописци: Горан Трајковски, Оливер Јосифовски, Драган Гиновски-Гино, Васко Бојаџиски, Иван Бејков, Тина Иванова, Ади Имери, БранкоИлиевски, Мухамед Ибрахими, Зоран Тортевски, Џабир Дерала и постојаните членови на бендот Сашко Костов, Соња Димитриоска, Огнен Мангаровски, Џоле Максимовски и Игор Стојановски.
Насловот на албумот е „La Kaña“ според истоимениот клуб во Стара Скопска Чаршија што е посебна приказна со која Сеад Хаџиќ сака, на нему сопствен начин, да испрати порака дека сцената е серизоно контаминирана. Да се надеваме дека за тоа самиот автор ќе проговори повеќе во некоја наредна прилика. Засега, тој е фокусиран на финиширањето на подготовките за јавна презентација на овој одличен проект. Дизајнот на албумот е атрактивен и необичен и е креација на Даниела  Хаџиќ.
За крај, вредно е да се спомене дека Сеад Хаџиќ и во овој албум учествува како композитор и изведувач на повеќе инструменти, вклучувајќи голем дел од неговата гитарска колекција, мандолина, синтисајзер и што уште не. Овој неуморен рокенрол борец и виртуоз и неговите прекрасни гости заслужуваат полно внимание. Тие што знаат што е музика ќе го ценат трудот и пожртвуваноста на целиот тим и ќе ја прошират добрата вест дека на сцената сé уште се негуваат високи уметнички вредности.

Shortcut News

No comments:

Post a Comment