Tuesday, April 3, 2012

ДО ГЛУЖДОВИ ВО ОБЛАЦИ


Кон ликот и делото на Мирослав Стојановиќ – Шуки 


Мирослав Стојановиќ - Шуки
Имав еден период од три месеци кога секое утро со Шуки пиев по најмалку едно еспресо во кафеаната Боеми. Секогаш седевме на истата маса, под радиото и стариот календар, тој со старомодната завеса зад него, јас со поглед кон него и малку кон тесната уличка во која одвај можат да се разминат точак и кола. Зад грб ми беше фрижидер-витрината која произведуваше чудни звуци од време на време. 
Таму, придружени од тивките звуци на некоја тотално маргинална радио-станица, под будното утринско око на келнерката од старата добра угостителска школа, со слаб мирис кој допираше од кујната во ноздрвите, јас и Шуки секое утро започнувавме нова филозофско-естетска работилница, зачинувајќи ја повремено со политичко-порнографски елементи и тотално психоделични секвенци. 
Статистички, како и содржински, овој период беше пребогат. Се сретнавме веројатно шеесет пати, испивме најмалку 200 кафиња и испушивме над 2.000 цигари на тие утрински средби. Задоцнивме на работа веројатно девет од десет пати што се сретнавме. На секоја средба имавме најмалку една нова тема. Ниеднаш не пропуштивме да ги исплукаме квази-интелектуалните мастурбатори, покондурената сељачаана и барокната фасада на шупата од држава во која живееме. Но, тоа беа странични темички, како мали боксерски вреќи во гардероба на гладијатори. На стариот кариран чаршаф во Боеми се тркалаа како грамадниот камен на Сизиф, тешки филозофски прашања, поезија, сликарство, мултимедијала, вонсериски визии. Секое седнување со Шуки е нова ментална желба, а тоа што ние го правевме секое утро во тој период, беше сериозен brain-building тренинг.
Како повторно да го запознав Шуки тогаш. Ги видов лавиринтите на и во неговото битие во ротирачка 3D верзија. Забележав дека Шуки е еден од тие ретки луѓе за кои никогаш не си сигурен дали се тука. Тој, не сакајќи, ги менува оските и правците на гравитација. Некогаш стои на земја (ретко). Најчесто, неговите чизми се до глуждови во густата смеса на темните олујни облаци, а над главата му е некоја непозната планета која гравитира кон празното небо, истура камења, реки, океани и градови врз неговата глава. Skywalker, ама изгубен.  
По тој период од над 200 кафиња и 60 теми, ништо што излегува од под четката на Шуки не ме изненадува. Но, отсуството на изненадување го отстапува местото на интензивно, деликатно и комплексно доживување помножено со милион од неговите креации. Знам што стои зад нив. И жал ми е што нема барем оддалеку приближно толку дела колку што има комори во таа негова луда глава. А во секоја комора има барем по една врата која води кон лавиринт од кој ретко кога има излез...
И како личност и како уметник, Мирослав Стојановиќ – Шуки не можете да го сместите во просторот во кој го гледате или мислите дека го гледате, ниту во времето во кое се наоѓате или мислите дека се наоѓате, односно имате впечаток дека и тој е во истото време со вас. 
Шуки можете да го сместите во 19. век, во мрачниот Среден Век или во последниот страотен час на тишината во Помпеја. Можете да го сместите во колонија на Марс во иднината. Не сега и овде.
Но, ако случајно ви падне в раце некој волшебен сензор за следење на духовите на времето, луѓето изумрени и неродени, природата создадена и несоздадена, човечките творби разурнати и тие што допрва ќе се создадат – ќе добиете исти сигнали и струења од сите страни. Сите ќе истипкаат иста порака на трансенденталниот телеграфски апарат: „Не сега и не овде! Овој човек, ова битие не е сега и не е овде!“
Шуки е во постојана ментална и спиритуална мена. Како Месечината во насолзените очи на вљубеникот во небото, тој е во состојба на постојано менување, но за разлика од Неа, тој не е составен од студени карпи и прашина, туку од експлозиви, живи бои, коски, месо и мисли. Шуки постојано раскажува некоја нова приказна, за некој потполно нов Космос, поинаков од оној што може да го замисли или доживее било кој сега и овде, некогаш и некаде. Да, тој не е сега и не е овде, но истовремено тој е секогаш и секаде, никогаш и никаде. 
Гледајќи ги делата на Шуки го доживувам како митска и sci-fi птица истовремено. Тој и неговите дела се како приказна за митско-научнофантастичен стрип јунак, хибрид меѓу човек, ѕвер и машина – експеримент во кој не сте сигурни, ве плаши, ви предизвикува вртоглавица и ве привлекува. Тоа е приказна за светот во кој живеете и умирате, но истовремено не е тој истиот свет. 
Затоа, тој не е овде и не е сега, кога и да е, каде и да е. 


Џабир Дерала
Другар му на Шуки 

No comments:

Post a Comment