Ја мразев поезијата. Тврдев дека поетите се луѓе кои не можат да напишат големи дела, па го одбираат овој начин на изразување за да можат да се наречат писатели. Песните ми звучеа патетично или пак помпезно и претенциозно.
Што ми го смени мислењеното? Бранко Миљковиќ, Едгар Алан По, Џим Морисон, Чарлс Буковски, Џони Штулиќ и многу други фаци кои зборовите ги редеа како куршуми во реденикот, неочекувано, едноставно и убиствено.
Кога за прв пат ми паднаа в раце песните на Џабир Дерала, тие ми звучеа некако познато, како и порано да ги имам слушнато. Ми звучеа вистинито и реално. Нивната реалност е болна на моменти, но нужна. Како доктор кој на пациентот мора да му ја соопшти дијагнозата, се редат речениците една по друга, секогаш лични – никогаш општи или неутрални, реченици што го носат знамето на вистината во револуцијата на духот.
(Ете, и јас кога пиувам за поезија, не можам, а да не станам претенциозен...)
Зборовите на Џабир Дерала се градски, се шетаат по улиците, се возат во лифтовите, јадат џанк фуд, влегуваат во кафеани, скокаат по шанкот, се одбиваат од флаши и чаши, се пробиваат низ чадот од цигарите, наизменично ве опиваат и трезнат.
Тоа се урбани зборови, асфалтирани, црвени од светлата на семафорите и широки ко булеварите, масни од бурекот рано на сабајле, некогаш матни како смог, некогаш заводливи како мини сукњи и деколтеа.
Не се тоа лесни зборови, не се голтаат лесно, ви лежат во стомакот како тула и штетни се за црниот дроб, не се за вегетеријанците, антиалкохоличарите, екологистите и будистите. Не се препорачуваат за љубителите на животни и цвеќиња, не се за домаќинки и оние што гледаат собраниски канал.
Џабир Дерала нема да ве утеши, тоа не е неговата намера. Нема намера да предупредува, веќе е доцна за тоа. Џабир Дерала не се залага за ништо освен за животот таков каков што е. Тоа и е задача на уметникот, секогаш да биде на страната на животот и за него да сведочи. Задача која никогаш не е лесна и благодарна, но Џабир сака (мора) да ја изврши. Како и многумина пред него, тој е горд на бремето што му е доделено (уметноста секогаш барала одредена доза на мазохизам) и не би се сменил со никого.
No comments:
Post a Comment