Saturday, September 17, 2011

ЕКСПЕРИМЕНТОТ ПРОДОЛЖУВА

Промоција: 
23 септември 2011 (петок)
Ла Кања Бар (Стара Скопска Чаршија)
во 20 ч. 


По долги подготовки и исцрпувачка работа на целиот креативен и продукциски тим, Mooger Fooger го лансираат својот нов албум под наслов „4ти Јули“. Новиот проект содржи 16 нови, жестоки музички креации, жестоки според силната концентрација на инструменти, музички акробации, пораки и атмосфера. Проектот открива непрегледно богатство од нови експериментални пробиви и нови, силни емоции. Лидерот на Mooger Fooger, Сецко Сеад Хаџиќ, композитор и продуцент на овој албум, околу себе собра импозантна група музичари и автори кои, сите заедно, креираат еден многу значаен музички документ на светско ниво.
Албумот го отвора инструменталот „4ти Јули“ кој евоцира спомени од музичките почетоци на јадрото на овој бенд кој во минатото беше дел од легендарните Last Expedition. Во трошната барака на улицата „4ти Јули“ во Ѓорче Петров (или Џорџ Таун, како што го нарекуваат некои) група бунтовни млади луѓе ја започнаа приказната која трае повеќе од дваесет години. Најновиот албум ги вклучува и водено ги премостува сите музички генерации од тоа време до денес.
По преслушувањето на новиот албум на Mooger Fooger се наметнува впечатокот дека ова претставува едно од позначајните музички достигнувања на македонската сцена и претставува новост од низа други аспекти, освен музичкиот. „4ти Јули“ е отворен музички проект со голем број учесници кои го збогатуваат ова дело со своите уметнички, музички и поетски визии, во хармонија со стожерниот концепт на првиот човек на проектот. Музичките жанрови и богатството од инструменти кои се употребуваат на изненадувачки и нов начин, меѓусебно се испреплетуваат и создаваат едно маестрално музичко и поетско дело.